Ќебапи, уштипци, ражени, плескавица, вешалица, мучкалица – јадења што се подготвуваат на скара и ги има на менијата во речиси сите ресторани во Србија. Иако понудата на овие јадења е широко распространета, вистинските гурмани и љубители на месо подготвено на оган и чад, треба на списокот на места што треба да ги посетат да го стават Лесковац – неофицијалната престолнина на скарата.
На крајот на август и почетокот на септември, главната улица во Лесковац станува царство на месото, бидејќи тука се одржува најголемиот и најпосетениот фестивал на месото и скарата во овој дел на Европа – Лесковачка роштилијада. Овој своевиден ресторан на отворено го посетуваат околу половина милион луѓе во текот на седумте дена додека трае манифестацијата! Иако има голема гужва, не се резервираат места ни за ручек ни за вечера, храна има во изобилство, а мирисите се неодоливи... На ражен се вртат прасиња и јагниња, а во лонците крчка свадбарска зелка. Автентичните вкусови на југот ќе ги одушеват и гладните, а и љубопитните кои сакаат да пробаат нешто поинакво.
Лесковачката роштилијада е позната и по вечерната забава и концерите на најголемите музички ѕвезди, но и по натпреварувањата. Тука се собираат најдобрите мајстори на скарата и се организира натпревар за најголема плескавица на светот. Не само што посетителите можат да видат како се подготвува, пече и врти плескавица за Гинис, туку кога ќе биде готова и ја пробаат! А тоа не се пропушта!