Зидините на Нишката тврдина секој август стануваат театарска сцена на која се одржува најголемиот џез-фестивал во југоисточна Европа – Nisville Jazz Festival. За време на фестивалските денови, овој мистичен амбиент на богата историја станува сцена за концерти, претстави, кинопроекции... Покрај музички настапи, посетителите можат да уживаат и во филмови, театар, уметнички изложби и промоции на книги.
Овде се доаѓа пред сѐ за музика, добар ритам што го подига расположението, нежни мелодии што опуштаат, дружење и забава за паметење. Треба само да се препуштите на таа весела енергија! А потоа, како времето да застанало, се слушаат само инструменти и гласови како струјат низ воздухот во летните фестивалски вечери. И како што тоа го може само џезот, тактовите будат чувства и ги водат слушателите од среќа до тага и назад.
Nisville festival е вистинска можност на отворено да се слушнат квалитетни домашни и странски изведувачи кои ја претставуваат музичката традиција од различни делови на светот. Досега, на фестивалот учествувале некои од најеминентните џез-музичари на денешницата, што привлекува голем број љубители на овој жанр од земјата и од странство и го прави Nisville еден од најпосетените џез-фестивали во Европа. Фестивалот толку многу порасна што, сега, во текот на десетте фестивалски дена се организираат повеќе од 250 различни програми на 16 сцени! Познатиот британски дневен весник „The Guardian“ го стави Nisville во топ 10 џез-фестивали во светот!
Иако Nisville Jazz festival досега угостил изведувачи од сите меридијани, пред сѐ оние кои промовираат изворен американски џез, посебна вредност на фестивалот е негувањето на музичката традиција на Балканот. Етно-музиката од Србија и од регионот преку овој жанр е промовирана како нов светски тренд.
Најбрзите и најверните љубители на фестивалот може да набават влезници уште на почетокот на годината под посебни услови, но изведувачите настапуваат и на бини што се бесплатни за публиката. Затоа, нема изговор за посета на Ниш! А освен тоа, има ли нешто поубаво од џез под ѕвездите?