Кога ќе дојдете на Златибор ве очекува незаборавно искуство: една од најпопуларните туристички дестинации во Србија и тоа со најдолгата панорамска гондола во светот.
Ваквото разгледување е специфично затоа што овозможува одличен поглед одозгора. Иако доживувањето на Златибор е секогаш посебно, без оглед на тоа дали планината ја минувате преку пешачките патеки, на скии или, пак, ги посетувате селските населби, кога ќе тргнете со „златната“ гондола ќе имате прилика да ја запознаете планината под нов агол.
Лесното возење над преубавите брда и Рибничко езеро трае вкупно 25 минути, а гондолата е долга девет километри. На езерото се наоѓа меѓустаница каде можете да направите пауза за прошетка. Прошетајте низ ненаселените делови на овој златиборски пејзаж што можеби досега не сте ги виделе.
Златибор изобилува со пешачки патеки, а секоја активност на отворено е исклучително добра за здравјето, не само поради планинскиот воздух, туку и поради ветровите по кои оваа планина е позната. Се препорачува и возење велосипед, јавање коњи или најдолгиот зип-лајн во Србија, бидејќи така го зајакнувате и имунолошкиот систем. Адреналинскиот парк и Дино-паркот се одлична опција за забава за најмалите на неколку часа.
Гондолата „Голд“ е една од најпопуларните атракции во овој дел на земјата, но посетата на Златибор може да ја искористите и за посета на специфичниот музеј на отворено во Сирогојно каде што ќе можете да им покажете на децата како се живеело некогаш во западна Србија. Недалеку оттука се наоѓа и пештерата Стопиќа. Погледнете како изгледаат големите корита полни со вода под светло во разни бои, додека во заднината ечи пештерскиот водопад висок 10 метри.
Последна станица на гондолата „Голд“ е највисокиот врв на Златибор, Торник. Од видиковецот има спектакуларен поглед на околните планини. На Торник можете и да се одморите и да седнете на ручек. Ако ве интересира зошто се вели дека планинскиот воздух отвора апетит, ова е вистинското место да дознаете зошто. Лепче со пршута на 1496 метри надморска височина е многу повкусно од вообичаено.
Дојдете и проверете зошто посетителите кои и претходно биле на Златибор доаѓаат повторно, и тоа баш заради гондолата.